LOTUS LOUNGE GALERY
16 October – 20 November 2026
IVAN IVANOVSKI
“Вкрстени перспективи“
„Вкрстени перспективи“ се занимава со односите помеѓу индивидуалната перцепција и заедничкиот простор. Различните гледишта, искуства и толкувања на реалноста се среќаваат, преклопуваат и во взаемна интеракцијасоздаваaт мрежа од меѓусебни односи.
Преку фрагментирани човечки силуети, архитектонски елементи и апстрактни форми, композициите создаваат повеќеслојни простори во кои границите помеѓу индивидуалното и колективното стануваат нејасни. Формите се пресекуваат, се надополнуваат или се губат една во друга, воспоставувајќи нови визуелни и асоцијативни врски.
Перспективата овде e метафора за субјективното доживување на реалноста. Секој поединец го восприема светот од сопствена позиција, но истовремено учествува во заедничка стварност обликувана од присуството и влијанието на другите.
IVAN IVANOVSKI
БИОГРАФИЈА
ИВАН ИВАНОВСКИ (р. 1983, Скопје) е уметник кој работи во областа на скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, анимацијата и филмот. Дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), а во 2013–2014 го завршува Академскиот програм за филмска режија на ФАМУ во Прага. Во 2026 година ги заврши пост дипломските културолошки студии на Институтот за Македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Неговата уметничка практика се движи помеѓу визуелните уметности и наративните медиуми, со особен интерес за односот помеѓу поединецот и колективот, групната психологија, урбаниот простор, секојдневната апсурдност и телото како носител на општествени, идеолошки и системски структури. Често работи со редуциран, минималистички и стилизиран израз, комбинирајќи хумор и критичка дистанца.
Неговите дела биле изложувани во музеи, галерии и независни културни простори, како и во јавен простор. Досега има реализирано 29 самостојни изложби и учествувано на бројни групни изложби и меѓународни проекти во Македонија и во странство, меѓу кои во Скопје, Куманово, Гевгелија, Белград, Љубљана, Берлин, Њујорк, Нотингем, Рим, Амстердам, Приштина и Гуангџоу.
Автор е на повеќе уметнички книги и публикации, меѓу кои Mezzanine (2023), Void (2022), Pulmonary Nodule (2020), Симптоми (2018) и CRACY (2018), како и коавтор на графичките омнибуси Небиднина (2023) и Човечулец (2025). Уредник е на публикацијата Македонски анимиран филм 1971–1991 (2021) и на книгата Илустрирана библиска етика (2015).
Со анимација се занимава од 2007 година. Автор е на повеќе кратки анимирани филмови, меѓу кои Внатре (2009), Народен фронт 12 (2012), Конзо (2014), Образец Б16 (2017), Јадица (2020) и Небиднина (2023), прикажувани и наградувани на регионални и меѓународни фестивали. Во моментов работи на нови кратки анимирани филмови – Системски преглед и Несекојдневно секојдневие.
Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2014). Автор е и на дела во јавен простор, меѓу кои скулптурите „Луѓе-птици“ поставени во Градскиот парк во Скопје.
Учествувал на повеќе уметнички резиденции и меѓународни програми, вклучувајќи ја ISCP – Њујорк и Музејот на школата Лингнан (ГАФА) во Гуангџоу.








